
ЕУ ја губи довербата во Мицкоски: Има некредибилни очекувања
-Премиерот Мицкоски има некредибилни очекувања и барања. Тој бара одложена имплементација на уставните измени, а бара и Бугарија да ги имплементира пресудите од Судот за човекови права во Стразбур. Негово барање е и Бугарија да донесе декларација за македонското малцинство – порачал овој извор за „Слободен печат“.
Европската Унија ја губи довербата во премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи досега ниту видела ниту гледа дека тој е спремен за донесување на уставните измени, велат за „Слободен печат“ извори од Унијата. Според нив, лесно се стопила првичната доверба што ја имале во македонскиот премиер по ланските избори, а сега веќе се разочарани од неговите барања. Дури и прашуваат дали премиерот сака да прифати како функционира Европската Унија.
-Премиерот Мицкоски има некредибилни очекувања и барања. Тој бара одложена имплементација на уставните измени, а бара и Бугарија да ги имплементира пресудите од Судот за човекови права во Стразбур. Негово барање е и Бугарија да донесе декларација за македонското малцинство – порачал овој извор за „Слободен печат“.
Европската Унија не функционира така, додаваат тие, а премиерот, па и Владата треба да сфатат дека членките на Унијата не можат да даваат гаранции какви што бара Мицкоски. Дури и оние кои на почетокот му даваа некаков „политички кредит“ повеќе не се спремни да го кредитираат, бидејќи, како што велат, имало доволно време.
Според нив, премиерот во досегашниот мандат имал неколку можности за промена на наративот, но не ги искористил, без да коментираат зошто – дали поради политичката цена што би ја платил или затоа што сите во земјава одамна се фокусирани на локалните избори наесен. Но, затоа не се воздржуваат од коментари за тоа каде оди македонската надворешна политика, притоа споменувајќи го гласањето во ОН, каде што се гласаше за американска и за европска резолуција и во Советот на Европа, каде што никој во ЕУ не верува дека се случила техничка грешка.
-Треба да си ги поставите прашањата „каде сте“ и „каде одите“ и дали Македонија сака да биде 51 држава на САД или членка на ЕУ, велат соговорниците.