
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас денеска и утре ќе ги посети општина Ресен и подрачјето на Преспанското Езеро, со цел да се презентираат видливите придобивки од помошта на ЕУ во секојдневниот живот на граѓаните.
Како што најавија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, денеска амбасадорот Рокас ќе оствари средби со Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен, како и со Советот на општината.
Утре, евроамбасадорот ќе направи обиколка на регионот на Преспа каде ќе направи увид во проектите финансирани од Европската Унија. Во Царев Двор ќе го посети основното училиште „Браќа Миладиновци“ кое ја зголеми својата енергетска ефикасност преку грант финансиран од ЕУ, а подоцна ќе ја посети црквата „Света Петка“ во Брајчино, каде фреските треба да се зачуваат во рамки на ACT4PRESPA, прекуграничен проект финансиран од ЕУ за заштита и конзервација на културното наследство во областа на Преспанското Езеро.
Посетата, како што е најавено, ќе биде завршена со настан на високо ниво, на кој премиерот Христијан Мицковски, евроамбасадорот, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и членови на Владата официјално ќе го означат почетокот на градежните работи на царинската зграда на новиот граничен премин Маркова нога – Герман.
– Работите, вредни 2 милиони евра, се дел од финансиската програма ЕУзаПреспа, кој изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84% се обезбедени од Европската унија, а остатокот се од националниот буџет. ЕУзаПреспа се спроведува преку 2 договори за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира националната царинска управа. Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија финансирана од ЕУ (вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и 114,136 евра од општина Ресен) за финансирање на градежните работи од двете страни. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година, се подвлекува во соопштението.