Европската унија подготви нацрт-документ за долгорочна безбедносна поддршка за Украина, што подразбира дека во наредните години на властите во Киев ќе им се обезбеди поголемо количество оружје, воена обука и друг вид помош, објавија европските медиуми.
Нацрт-документот, кој првпат беше објавен минатиот викенд од германскиот весник „Велт ам Зонтаг“, содржи можни европски безбедносни обврски кон Украина, кои, според очекувањата на официјалните лица, треба да бидат официјализирани во јуни или јули оваа година, пренесува Ројтерс.
Во нацрт-документот, меѓу другото, се наведува дека во случај на „идна агресија“, ЕУ и Украина ќе одржат консултации за потребите на Киев во рок од 24 часа и „брзо ќе го утврдат“ редоследот на потезите во согласност со тие потреби.