Твитер мора да ги зајакне своите ресурси до 25 август за да се усогласи со амбициозното ново европско законодавство за онлајн содржини, предупреди европскиот комесар Тиери Бретон по средбата со Илон Маск.
„Ако технологијата не е подготвена, Твитер мора да има доволно ресурси за да ја пополни празнината. Разговарав за таа специфична тема со Маск“, им рече Бретон синоќа на новинарите по состанокот во седиштето на Твитер во Сан Франциско.
Комесарот на Европската унија моментално е во Калифорнија за да се осигура дека интернет гигантите како Фејсбук, Инстаграм и Твитер се подготвени за законот за дигитални услуги, кој ќе стапи на сила на крајот на август.
Законот е една од најамбициозните регулативи во однос на контролата на онлајн содржините од појавата на социјалните мрежи. Наметнува долга листа на правила на платформите, пазарите и пребарувачите, како што е обврската да се дејствува „навремено“ за отстранување на која било нелегална или штетна содржина штом платформата ќе стане свесна за тоа, пренесува Бета-Франс прес.
Бретон рече дека споменал неколку критични области на состанокот за да ги направи регулативите веднаш применливи. Тие области се злоупотреба на деца и изборна дезинформација.
Комесарот треба да се сретне и со Марк Цукерберг, шефот на Мета, за да обезбеди усогласеност меѓу Фејсбук и Инстаграм.
Сепак, разговорот на Бретон со Маск привлекува поголемо внимание бидејќи новиот сопственик на Твитер брани речиси неограничена слобода на изразување, вклучително и кога содржината е навредлива или промовира дезинформации, спротивно на европските правила.