ЕУ одобри воведување царини за Америка

Европската унија одобри воведување контрамерки во форма на царини за околу 22 милијарди евра американски производи како што се соја, мотоцикли и сок од портокал. За ова гласаа 27 земји-членки, сите освен Унгарија, соопшти Европската комисија.

Европската унија одобри воведување контрамерки во форма на царини за околу 22 милијарди евра американски производи како што се соја, мотоцикли и сок од портокал. За ова гласаа 27 земји-членки, сите освен Унгарија, соопшти Европската комисија.

„ЕУ ги смета американските тарифи за неоправдани и штетни, предизвикувајќи економска штета на двете страни, како и на глобалната економија. ЕУ јасно стави до знаење дека претпочита преговори со САД кои би резултирале со избалансирани и заемно корисни решенија“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Како одговор на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за европскиот челик и алуминиум, ЕУ ќе ги воведе своите контрамерки во три фази. Првиот бран стапува на сила следната недела, вториот во средината на мај, а третиот на крајот на годината, во декември.

Според информациите на четворица дипломати вклучени во гласањето, единствена членка која се спротивстави на пакетот е Унгарија, додека останатите 26 земји гласаа за.

„Понатамошната ескалација не е решението. Ваквите мерки дополнително ќе и наштетат на европската економија и граѓаните преку зголемување на цените. Единствениот излез се преговорите, а не контрамерките“, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на мрежата Х.

За предлогот да биде отфрлен, најмалку 14 членови требаше да гласаат против, што се сметаше за неверојатно со оглед на демонстрациите на единство во последните недели.

Овие мерки сè уште не се одговор на едностраната одлука на Трамп да воведе „реципрочни“ царини од 20 отсто за целиот извоз на ЕУ, што стапи на сила денеска на полноќ, ниту на неговите најнови царини од 25 отсто за автомобили. Трамп најави и дека наскоро ќе воведе царини за фармацевтските производи.

Европската комисија размислува за сопствени контрамерки на потезите на Трамп, а според портпаролот за трговија, Олоф Гил, тие би можеле да бидат претставени веќе следната недела. „Ќе биде многу наскоро. Очекувам дека може да биде веќе следната недела“, рече Гил во вторникот.

Трамп бара од ЕУ да го намали својот трговски суфицит со САД, на пример со купување на нереално големи количини гас или релаксирање на безбедносните стандарди за автомобилите.

Иако Европа извезува повеќе стоки во САД отколку што увезува, Америка затоа има вишок во услужниот сектор. Вкупната трговска размена меѓу двете страни е вредна околу 1,3 трилиони евра, а вистинската нерамнотежа е околу 50 милијарди евра. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен оваа недела повторно предложи укинување на сите индустриски тарифи – преку таканаречениот договор „нула за нула“ – што ќе важи за двете страни.