ЕУ на готовс прeд хибридната офанзива на Русија врз европските демократии

Хибридните закани, особено од Русија по нејзината инвазија на Украина, ја преплавија Европа. Функционерите на Европската Унија и разузнавачките извештаи предупредуваат дека ќе зачестат нападите со цел да ги дестабилизираат европските демократии, подривајќи ги нивните избори, инфраструктурата и довербата на јавноста во институциите.

Европската Унија сè повеќе ја загрижуваат обидите на Русија да влијае врз блокот преку поширока хибридна кампања на Москва за да го обессили Западот.

Обраќајќи се на состанокот на Специјалниот комитет на Европскиот парламент во вторникот каде што се зборуваше за Европскиот штит за демократија, бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев рече дека хибридното војување на Русија е многу повеќе од шпионажа и опфаќа и саботирање, кибернапади, дезинформации и оркестриран хаос.

Грозев – кој има пишувано за интернетската страница посветена на истражувачко новинарство Белингкет, а сега пишува за германското списание Шпигел и за фокусираниот на Русија независен медиум Инсајдер – вели дека руските кампањи се осмислени да предизвикуваат хаос и збунетост и да шират страв.

Војната во Украина останува клучна цел на Русија – но се насочи и кон настани како Олимписките игри во Париз и изборите во Романија, Германија, Молдавија и ланските избори за Европскиот парламент во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во текот на нејзината предизборна кампања, лани вети дека ќе го востанови Европскиот штит за демократија за да им се спротивстави на заканите. Еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт сега е задолжен за развојот на иницијативата. Комисијата сè уште официјално не објавила предлог-насоки за решавање на проблемот.

Поради зголемените стравувања од злонамерно задирање во демократските процеси на ЕУ, Европскиот парламент во декември гласаше да се востанови специјална комисија со задача да предлага остварливи решенија за зајакнување на отпорноста на блокот кон хибридни закани.

Грозев беше оптимист дека руските хибридни закани можат да се совладаат. „Разоткриените групи, мапираните мрежи и осудените шпиони покажуваат дека може да се совладаат овие операции. Успехот е резултат на соработка – соработка меѓу новинарите и меѓу државите“, истакна.

Што се хибридни закани?

Хибридните закани претставуваат нетрадиционални напади како кибернапади или дезинформации. Во општа безбедносна смисла, терминот се однесува нa дејствија што одредени државни или недржавни вршители ги преземаат за да им наштетат на други земји без отворено да им објават војна. По правило, тешко е, па дури и невозможно, да се припишат на конкретен сторител.

Во последниве неколку месеци, многу земји во Европа пријавуваат оштетена инфраструктура, како подводни кабли за податоци во Балтичкото Море, но и подметнати пожари и сомнителни операции „под лажно знаме“. Истражителите веруваат дека Русија стои зад многу од нападиве.

– Хибридните закани се налик на илјадници одделни и одвај забележливи убоди што, земени како целина, се брутален удар врз нашата демократија и инфраструктура во Европа, изјваи Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија

Шефицата на дипломатијата на ЕУ Каја Калас во годишниот извештај минатиот месец кажа дека „манипулацијата со информации и ваквото задирање однадвор е голема безбедносна закана за ЕУ“. Во извештајот се вели дека лани биле забележани напади по пат на дезинформации против повеќе од 80 земји и 200 организации.

Пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел во декември, чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски рече дека во 2024 во Европа имало 500 сомнителни инциденти и дека речиси 100 од нив може да ѝ се припишат на Русија.

Шефот на Алијансата, Марк Руте, на состанокот изјави дека и Кина, Иран и Северна Кореја исто така активно се занимаваат со кибернапади.

Паднати сервери… и избори

Најчестите кибернапади се тн. распределени напади за оневозможување пристап кон услугите, кои го преплавуваат серверот со интернетски сообраќај со цел да го направат недостапен.

Лани, проруската хакерска група Ноунејм057(16) поведе ваков напад против одредени јавни институции и стратешки сектори во Шпанија и други земји членки на НАТО што ја поддржуваат Украина. Иако некои од нејзините интернетски страници беа привремено блокирани, Шпанија го сопре нападот и не пријави кражби на податоци ниту малициозен софтвер.

Хактивистичката група изникна кога Русија ја почна војната против Украина и се закани дека ќе одговори на „антируските“ дејствија на западните земји. Во јули, шпанската цивилна гарда уапси три лица за нивна наводна вмешаност во нападите.

Според разузнавачките служби, Русија често задира во демократските процеси во Европа преку обиди да им ги подрие изборите.

Во годишниот извештај за 2024, холандската воена разузнавачка и безбедносна служба неодамна откри дека руски хакери извршиле кибернапади врз претпријатија за јавен превоз и интернетски страници на политички партии со цел да ги поткопаат европарламентарните избори во Холандија, отежнувајќи им на граѓаните да гласаат.

Според припадникот на разузнавачката служба, вицеадмиралот Пeтер Рeсинк, хакерите се обиделе да навлезат и во критична инфраструктура во Холандија со намера да ја попречат помошта за Украина.

Во Германија, неколку дена пред парламентарните избори во февруари, Министерството за внатрешни работи предупреди дека Русија ги таргетирала гласачите преку кампања од дезинформации во корист на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија за „да ја уништи вербата во демократијата“.

Според кампањата, Алтернатива за Германија, која е наклонета кон Русија, била неправедно третирана. Алтернатива за Германија ја обвинуваат дека е поврзана со Москва, а партијата има побарано од Германија да ја прекине воената поддршка за Украина.

Според шефот на Академската мрежа на Источна Европа Филип Шмадеке, руските разузнавачки служби сè повеќе ги таргетираат и германските академски организации фокусирани на Источна Европа. Академската мрежа на Источна Европа, која им има помогнато на 1200 луѓе од Русија, Белорусија и Украина во текот на изминатите четири години, им дава помош на научниците присилени да избегаат поради угнетување, прогон, забрани за вработување и војни.

– Целта на овие операции на надворешно влијание е да се уништи вербата во демократијата, да се доведе во прашање интегритетот на изборниот процес, изјави Максимилијан Кал, портпарол на германскиот министер за внатрешни работи и раководител на одделот за односи со јавност.

Во декември, Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори во земјата поради загриженост за руска вплетканост во гласањето, во кое крајнодесничарскиот – и поддржан од Москва – Калин Георгеску неочекувано победи во првиот круг.

Според Врховниот совет за национална одбрана, Романија била мета на „дејствија на државен вршител на кибернапади“ врз информациската и комуникациската технологија што го поддржува изборниот процес.

По поништувањето, Индексот на демократија за 2024, објавен од аналитичкиот оддел на Економист, ја уназади Романија од „дефектна демократија“ во „хибриден режим“, спуштајќи ја за 12 места на 72. место во светот. Според Економист, ништењето на изборите лошо се одразило и врз оценката по плурализам на земјата.

Претседателските избори во Романија сега се закажани за 4 мај (првиот круг) и 18 мај (вториот круг).

Влијание и врз соседите на ЕУ

Дезинформациите и теориите на заговор продолжуваат да го преплавуваат и соседството на ЕУ – на пример, Молдавија, која се граничи со Русија, и Северна Македонија, која се стреми кон членство во ЕУ.

Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, останува во голема мера зависна од рускиот гас. Поранешната советска република е длабоко поделена на проевропски и проруски фракции. Прозападната претседателка Маја Санду го освои вториот мандат во октомври, а ЕУ ја обвини Русија за „дотогаш невидено“ мешање во гласањето во полза на прорускиот кандидат Александар Стојаногло.

Во Северна Македонија, проруските активисти на социјалните медиуми го експлоатираат разочарувањето, скептицизмот и сомнежот, се вели во извештајот „Странско влијание во Северна Македонија“ објавен од Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски предупреди дека кредибилитетот на ЕУ е доведен во прашање и дека проширувањето на ЕУ е пресудно за да се спречи употребата на руската пропаганда како оружје. Конкретно, предупреди за „злонамерните вршители“ што играат на картата на фрустрацијата на Северна Македонија, предизвикана од условите за членство во ЕУ што постојано се поместуваат.

Вкупно девет земји имаат статус на кандидатки за ЕУ, а ЕУ внимателно ги следи земјите како Србија и Грузија, чиишто влади се чини дека се приближуваат кон Русија.

ПРОВЕРКА НА ФАКТИ: Лажна насловна страница на весник во врска со војната во Украина

Дезинформациите во врска со војната на Русија против Украина продолжуваат да се шират – не само во обете земји, туку и во соседна Источна Европа и низ целиот континент.

Минатиот месец, крајнодесничарскиот блогер Јан Мајлс Чеонг прошири лажна објава на социјалните медиуми во која посочуваше дека британскиот весник Хал дејли мејл известил за десетици илјади загинати украински војници во рускиот регион Курск и го обвинуваше претседателот Володимир Зеленски за жртвите.

Екипата за проверка на факти на агенцијата Франс-прес ги поби тие тврдења. Според портпаролот на Рич Пи-ел-си, матичната компанија на Хал дејли мејл, насловната страница на весникот била невистинита.

Прочитајте ја целосната проверка на фактите тука.