ЕУ и ја честиташе победата на Санду на претседателските избори во Молдавија
Европската Унија срдечно и честита на Маја Санду за нејзиниот реизбор за втор мандат како претседател на Молдавија, се наведува во заедничката писмена на изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод вчерашниот втор круг од претседателските избори во оваа поранешна советска република.
Европската Унија срдечно и честита на Маја Санду за нејзиниот реизбор за втор мандат како претседател на Молдавија, се наведува во заедничката писмена на изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод вчерашниот втор круг од претседателските избори во оваа поранешна советска република.
– Им честитаме на молдавските власти за успешното спроведување на изборите и покрај мешањето на Русија без преседан, вклучително и со купување гласови и ширење дезинформации. Овие хибридни активности беа обид за поткопување на демократските институции на земјата и на нејзиниот пат кон ЕУ, се потенцира во изјавата.
Европската Унија нагласува дека ја поддржува безбедноста и отпорноста на Молдавија, вклучително и преку Европскиот мировен фонд и Партнерската мисија на Европската унија, додавајќи дека државата беше првата земја што склучи партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ.
– Неодамнешниот референдум ја потврди посветеноста на молдавскиот народ на европскиот пат и на дополнително зајакнување на нашите блиски врски. ЕУ ќе продолжи да работи со претседателот и молдавските власти за промовирање на понатамошни реформи и зајакнување на стабилноста и просперитетот на земјата на нејзиниот пат кон ЕУ, вклучително и преку неодамна објавениот План за раст за Молдавија, се додава во заедничката изјава на ЕК и Борел.
Претходно, лидерите на европските институции претпладнево во одделни објави на платформата Икс и ја честитаа победата на Санду на изборите.
– Честитки, почитувана претседателке Маја Санду за Вашата победа на претседателските избори во Молдавија, наведе претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во објавата.
Според него, со поддршката за Санду народот на Молдавија ја потврдил довербата во нејзиното лидерство, стабилноста и посветеноста на европската иднина.
Со зборовите „честитки, драга Маја Санду“, победата на изборите на шефицата на молдавската држава и ја честиташе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
– Потребен е редок вид на сила за да се надминат предизвиците со кои се соочивте на овие избори. Мило ми е што продолжувам да работам со вас кон европската иднина за Молдавија и на нејзиниот народ, потенцира Фон дер Лајен во објавата.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола наведе дека Санду, која ги предводеше зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и европската иднина, е реизбран за претседателка.
– Таа покажа извонредна храброст и лидерство да застане во одбрана на својот народ. Европа ќе продолжи да стои крај Молдавија на овој пат, порача Мецола.
Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, со реизборот на Санду, Молдавците уште еднаш ја покажале својата решеност да градат европска иднина и покрај хибридните обиди да се поткопа демократијата.
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, пак, упатувајќи и „срдечни честитки“ на Санду за нејзиниот реизбор, наведе дека ЕУ продолжува да ја поддржува Молдавија на нејзиниот европски пат.
Според резултатите од 99,86 отсто преброени гласачки ливчиња, на вчерашниот втор круг од претседателските избори актуелната молдавска претседателка Санду, која настапи како независна кандидат поддржана од владејачката либерална Партија за акција и солидарност (ПАС), освоила 55,41 отсто од гласовите. За нејзиниот противкандидат, независниот Александр Стојаногло, поддржан од проруската опозициска Партија на социјалистите (ПС), пак, гласале 44,59 проценти од гласачите.