Дваесет и седум членки на ЕУ вечерва им доделија кандидатски статус на Украина и на Молдавија, објави во Брисел претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, нарекувајќи ја одлуката „историски момент“ во екот на руската агресија.
„Договор. Европскиот совет штотуку донесе одлука за доделување статус кандидат за ЕУ на Украина и Молдавија. Историски момент“, напиша претседателот на Европскиот совет на Твитер.
„Денешниот ден означува клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ“, порача Мишел.
Тој, исто така, објави дека лидерите „ја препознале европската перспектива и подготвеноста да и се додели кандидатски статус на Грузија кога таа ќе ги реши преостанатите приоритети“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „единствен и историски момент во билатералните односи“. Тој изрази увереност дека „иднината на Украина е во Европската унија“.
Претседателката на Молдавија Маја Санду вечерва изјави дека потегот на Европската унија да и додели кандидатски статус на нејзината земја е историски ден.
Таа додаде дека Молдавија е пред тежок пат, за кој ќе треба многу работа и труд.
„Сепак, ние сме подготвени да го направиме тоа заедно за да обезбедиме подобра иднина за (молдавските) граѓани“, рече Санду.
Во објава на Фејсбук таа изјави дека членството во ЕУ ќе донесе повеќе просперитет, повеќе можности и повеќе ред во таа мала земја, која се наоѓа меѓу Украина и Романија.
Одлуката да им се додели статус на земја кандидат за членство во ЕУ на Украина и Молдавија на Твитер ја поздрави и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Денес е добар ден за Европа“, напиша таа, честитајќи им на претседателите на Украина и на Молдавија.
„Вашите земји се дел од европското семејство. Денешната историска одлука го потврдува тоа“, додаде Фон дер Лајен во објавата на Твитер.
Лидерите на ЕУ ја донесоа одлуката на редовниот самит, а претходно во четвртокот пратениците од Европскиот парламент гласаа за таа одлука.
Украина поднесе барање за членство на 28 февруари, четвртиот ден од руската инвазија, по што и Украина и Грузија тоа го побараа на 3 март.
Европската комисија минатата недела објави мислење за трите барања и му препорача на Советот на ЕУ да ја потврди нивната перспектива.
Оваа одлука се носи и во согласност на Европскиот парламент.