ЕУ е загрижена за ситуацијата во Босна и Херцеговина, посебно во контекст на руско-украинската војна.
„Европската Унија јасно ја осудува сецесионистичката реторика од страна на одредени политичари и чинители во Босна и Херцеговина“ – повтори денеска портпаролот за надворешна политика во Европската Комисија – Петер Стано.
Ситуацијата во БиХ беше веќе извор на загриженост во Европската Унија и пред да избие војната помеѓу Русија и Украина поради сѐ почестите изјави и чекори од страна на лидерите на Република Српска во насока на сепаратизам. Со војната во Украина, Европската Унија повтори дека од блиску ја набљудува ситуацијата на Западниот Балкан и посебно Босна и Херцеговина каде се стравува од руското влијание врз Република Српска и обидите да се подгрее национализмот.
„Европската Унија ќе искористи сѐ што има на располагање, вклучително и рамката на санкции, но за ова како и за секоја ваква одлука, им припаѓа на земјите членки кои ја носат со консензус“ рече Стано,
Засега ЕУ повторува дека едногласно ги осудува сите провокативни изјави од политичарите и во БиХ и бара да се стави крај на политичката криза за да може државата и нејзините институции повторно да профункционираат нормално.