ЕУ досега одвои 42 милиони евра за енергетската транзиција на Северна Македонија
За време на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Северна Македонија, ќе биде претставена и дополнителната поддршка што ЕУ ќе ѝ ја даде на земјава и на регионот за да помогне во ублажувањето на влијанијата од актуелната енергетска криза.
Работејќи заедно, ЕУ и Северна Македонија ќе се обидат да се справат со актуелните предизвици во енергетскиот сектор и да го намалат нивното влијание врз земјата и нејзините граѓани, посочуваат од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Од таму додаваат дека ЕУ веќе инвестираше значителни ресурси за да помогне во енергетската транзиција во земјата, што веќе придонесе да се подготви земјата подобро да се справи со кризата како што е сегашната, како и да работи на постигнување на нејзините климатски цели.
Со текот на годините, Европската унија директно, како и Тимот Европа, ја поддржуваа Северна Македонија со значителна помош во енергетскиот сектор. Поголемиот дел од тие пари се заеми од повеќе банки, а 42,3 милиони евра се грантови на Европската унија преку повеќе фондови.