
ЕУ денеска одава почит на жртвите во Буча и искажува непоколеблива поддршка за Украина
„Доказите собрани по повлекувањето на руските сили го нагласуваат императивот за обезбедување целосна и сеопфатна одговорност“, се наведува во соопштението
Европската Унија соопшти дека нејзините членови денеска се во Буча за да им оддадат почит на жртвите во овој украински град и да ја потврдат својата непоколеблива посветеност на обезбедување целосна одговорност на Русија за сите дела извршени во Украина.
„Се собравме денеска во Киев и Буча за да им оддадеме почит на жртвите на масовните злосторства во Буча, извршени за време на привремената руска окупација на делови од Киевскиот регион во 2022 година, и да ја потврдиме нашата непоколеблива посветеност на обезбедувањето целосна одговорност на Руската Федерација за сите кршења на меѓународното право во или против Украина, вклучително и агресија што е спротивно на Повелбата на ОН“, се наведува во заедничката изјава по повод неформалниот состанок.

Се додава дека ЕУ го почитува споменот на сите жртви на масакрот во Буча и другите градови, места и села низ цела Украина, каде што цивилите беа изложени на масовни убиства, тортура, сексуално насилство, присилни депортации и други сериозни кршења на меѓународните хуманитарни и човекови права.
„Доказите собрани по повлекувањето на руските сили го нагласуваат императивот за обезбедување целосна и сеопфатна одговорност“, се наведува во соопштението.
Ја потврдуваме нашата посветеност на обезбедување целосна одговорност за воените злосторства и другите тешки злосторства извршени во врска со руската агресија против Украина, се додава во соопштението.
ЕУ го поздрави неодамнешниот напредок во рамките на Советот на Европа, со поддршка на Европската Унија, кон операционализација на Специјалниот трибунал за злосторство агресија против Украина и формирањето на Меѓународната комисија за барања за Украина.
Исто така, ја изразуваме нашата поддршка за истрагите на Меѓународниот кривичен суд за ситуацијата во Украина и повикуваме на целосна соработка од сите земји-членки.
„Нагласуваме дека одговорноста е неопходен елемент на сеопфатен, праведен и траен мир, како и почитување на меѓународното право“, се наведува во соопштението.
Во оваа петта година од руската агресивна војна, „ја потврдуваме нашата континуирана цврста и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници, во согласност со целите и принципите на Повелбата на ООН и меѓународното право“, се додава во соопштението.

Станува збор за заедничка изјава на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, министрите на Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Украина.
Според локалните власти, во Буча се пронајдени 458 тела, меѓу кои и тела на девет деца под 18 години. Меѓу жртвите, 419 лица се убиени со оружје, додека 39 починале од природни причини, веројатно поврзани со руските напади во тој град.
Првите фотографии и видеа за тоа се појавија на 1 април 2022 година, по повлекувањето на руските сили од градот, што се случи веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари 2022 година.