„ЕУ да одржи меѓувладини конференции со С. Македонија и Албанија на почетокот на 2024 година“

Европската Унија треба да се стреми кон пет конкретни чекори доколку сака своите зборови за солидарност кон Западен Балкан да ги усогласи со акции. Ова, во очи на денешното објавување на извештаите на Европската комиисја за напредокот на земјите кандидатки за членство, синоќа на социјалните мрежи го објави сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролина Едштадлер.

Меѓу петте точки на кои австриската министерка смета дека ЕУ треба да се фокусира е одржување на меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија на почетокот на 2024 година.

Во објавата на социјалните мрежи насловена како „ЕУ мора да го преземе водството во Западен Балкан“, министерката потенцира дека Унијата треба да постави конкретни целни датуми за пристапување за секоја од шесте земји во Западен Балакн по изборот на новиот состав на Европската комисија.

Меѓу останатото, Едштадлер смета дека ЕУ треба да се фокусира на отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на годинава, со Црна Гора да се постигне конкретен напредок пред европските избори, а пред изборите во ЕУ да се постигне напредок и во пристапните преговори со Србија и во обработката на апликацијата на членство на Косово.

„Ниту еден од овие чекори нема да ги поштеди овие земји од исполнување на сите критериуми за пристапување пред евентуалното членство во ЕУ. Сепак, во оваа фаза е време ЕУ да го преземе водството и да обезбеди вистински докази дека продолжуваме да бидеме сериозни во однос на ЕУ перспективата на регионот“пишува австриската министерка Каролина Едштадлер во објавата на социјалните мрежи.