ЕУ ги оцени изборите во Белорусија за нелегитимни, ќе продолжи со рестриктивните мерки
Претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос синоќа соопштија дека Европската унија ги смета вчерашните претседателски избори во Белорусија за нелегитимни и најавија дека Унијата ќе продолжи да воведува рестриктивни и целни мерки против режимот, вклучително и финансиска поддршка на граѓанското општество.
Претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос синоќа соопштија дека Европската унија ги смета вчерашните претседателски избори во Белорусија за нелегитимни и најавија дека Унијата ќе продолжи да воведува рестриктивни и целни мерки против режимот, вклучително и финансиска поддршка на граѓанското општество.
Во заедничката изјава Калас и Кос истакнаа дека „лажните избори во Белорусија“ не биле ниту слободни ниту фер и оти народот на Белорусија заслужува вистински збор за тоа кој ќе управува со нивната земја.
– Немилосрдната и невидена репресија на човековите права, ограничувањата на политичкото учество и пристапот до независни медиуми во Белорусија го лишија изборниот процес од секаков легитимитет. Го повикуваме режимот веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, од кои над 1.000 се самоволно приведени, вклучително и еден вработен во Делегацијата на ЕУ. Одлуката на режимот да ја покани Организацијата за безбедност и соработка во Европа/Канцеларијата за демократски институции и човекови права на само 10 дена пред изборите, на ова независно тело му оневозможи пристап до клучните фази на изборниот процес. Тоа е уште еден доказ за целосното отсуство на кредибилитет на овие избори, се вели во нивната изјава објавена од Прес-службата на ЕУ.
Како што се наведува, поради овие причини, како и поради, како што се тврди во соопштението, вмешаноста на белорускиот режим во руската агресивна војна против Украина и нејзините хибридни напади врз соседите, ЕУ ќе продолжи да воведува рестриктивни и целни мерки против режимот, со финансиска поддршка на цивилното општество. Се додава дека штом Белорусија ќе почне демократска транзиција, ЕУ ќе биде подготвена да ја поддржи земјата во стабилизирање на нејзината економија и реформирање на нејзините институции.
– ЕУ е на страната на белорускиот народ и нашата поддршка во нивната потрага по слободна, демократска, суверена и независна Белорусија, како дел од мирна и просперитетна Европа, е непоколеблива, се вели во соопштението од Калас и Кос.
На претседателските избори во Белорусија 86,82 отсто од гласачите гласаа за актуелниот претседател Александар Лукашенко, изјави Игор Карпенко, претставник на Информативниот центар на белоруската Централна изборна комисија. Тој потврди дека противкандидатот на Лукашенко Олег Гајдукевич освоил 2,02 отсто од гласовите, кандидатката Ана Канопатскаја 1,86 отсто од гласовите, Сергеј Сиранков 3,21 отсто и Александар Хизнијак 1,74 отсто од гласовите, јави денеска агенцијата БЕЛТА.