ЕУ воспостави нов режим на санкции за Русија

Денеска Европската унија воспостави нов режим на санкции, со кој ќе се воведат рестриктивни мерки за сите одговорни за сериозно кршење на човековите права во Русија, како и за загрозување на демократијата и владеењето на правото.

Како што е објавено на веб-страницата на Советот на ЕУ, одлуката за воспоставување нов режим на санкции „е дел од одговорот на ЕУ на забрзаната и систематска репресија во Русија“.

Се додава дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, предложил ЕУ да воспостави нов режим на санкции како одговор на смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални во сибирски затвор во февруари и сериозното кршење на човековите права во Русија.