ЕУ внимателно ја следи ситуацијата пред протестите на 15 март во Белград
По повод најавениот голем митинг во Белград на 15 март, за кој претседателот на државата предвидува „големо насилство“ и најавува апсења, Европската унија порача дека темелните вредности „се во сржта на нашиот заеднички европски проект и треба да се почитуваат“.

„Ова важи и за слободата на собирање како основно право“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.
Се додава дека учеството на граѓаните игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество, вклучително и промовирање на транспарентност и одговорност.
„ЕУ постојано повикува на деескалација на тензиите, преку воспоставување услови за инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително политичките актери, институциите и членовите на граѓанското општество, со цел да се решат реформите неопходни за иднината на Србија во ЕУ“, соопшти Брисел.
Претставниците на ЕУ потврдуваат дека внимателно ја следат актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија и големата мобилизација на студенти и други групи.
Запрашани да ги коментираат наводите на претседателот Вучиќ дека Западот стои зад „обоената револуција“, како што ја нарекува мобилизацијата на студентите и граѓаните во Србија, претставниците на ЕУ потсетуваат дека „на дезинформациите и политичката реторика, вклучително и против ЕУ и земјите-членки, немаат место на патот кон интеграција во ЕУ“.