
ЕУФОР следната недела во БиХ ја почнува годишната воена вежба „Брз одговор“
Годишната мултинационална вежба на силите на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР „Брз одговор“ (Rapid Response), ќе се одржи од 9 до 26 септември на територијата на земјата, соопшти мисијата на ЕУ.
Годишната мултинационална вежба на силите на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР „Брз одговор“ (Rapid Response), ќе се одржи од 9 до 26 септември на територијата на земјата, соопшти мисијата на ЕУ.
Како што пренесе Радио Сараево, во вежбата ќе учествуваат силите на ЕУФОР од 25 држави, стационирани во БиХ, привремено засилени со резервни сили од Чешка и Унгарија, како и со мировните сили на НАТО во Косово – КФОР. На нив ќе им се придружат и припадници на вооружените сили и безбедносните органи на БиХ. Целта е зголемување на оперативната готовност на сите учесници и потврда на континуираната поддршка на ЕУФОР за стабилноста и безбедноста во земјата.
За време на вежбата граѓаните може да очекуваат зголемено движење на војници, патроли и воена техника. Активностите ќе бидат највидливи околу Сараево, Мостар, Бања Лука, Ливно, Орашје, Зеница, Жепче, Тузла и Приједор, како и на граничните премини Свилај и Клобук. Дел од операциите ќе се спроведуваат ноќе или во поголем обем од вообичаеното, прецизираа од ЕУФОР.
Вооружените сили на БиХ ќе обезбедат логистичка поддршка и полигони за изведување на маневрите. ЕУФОР потенцира дека се преземаат мерки за минимизирање на влијанието врз секојдневието на граѓаните, а локалните власти и заедници ќе бидат однапред информирани преку тимови за врска и официјалните канали на мисијата.
Вежбата „Брз одговор“ се одржува секоја година од 2012 во рамките на мисијата на ЕУФОР „Алтеа“. Нејзината основна задача е да го демонстрира ангажманот на меѓународната заедница за гарантирање на безбедноста и стабилноста во Босна и Херцеговина, во согласност со мандатот на Советот за безбедност на ОН.