ЕСМ ќе бара стратешки инвеститор за гасно-водородни централи во Битола и Неготино

Владата планира да гради уште два енергетски капацитетa со помош на стратешки инвеститори. Станува збор за две гасно-водородни централи кои ќе се градат во Неготино и во Битола, а кои треба да ги заменат РЕК Битола, кој треба да се затвори до 2030 година, и ТЕЦ Неготино.

За таа цел Владата го задолжила АД ЕСМ да почне преговори за потенцијален стратешки инвеститор и можна соработка за реализација на проекти за гасно-водородни централи Битола и Неготино. На седницата донесена е Одлука за почнување процес за трансформација на производството на електрична енергија со гасно-водородни централи.

Информацијата до Влада ја испратило Министерството за економија со која се бара иницирање проекти за изградба на регионална 800MW гаснo-водородна централа Неготино и 250-300MW гасно-водородна централа Битола, информира владината прес служба.

Експерти, пак, се на ставот дека земјава треба да гради нови енергетски објекти кои ќе треба да ги заменат термоелектраните на јаглен и мазут, но очекуваат изградбата да ја реализира државата со сопствени средства или со кредити.