ЕСМ ќе аплицира на повикот за избор на нов снабдувач со топлинска енергија во Град Скопје

По одземањето на лиценците на БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Град Скопје има рок од 90 дена да се објави јавен повик за избор на нов снабдувач, потврди денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Денеска на Влада е информацијата од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Министерството за економија во однос на постапката и задолжувањето за да се објави повикот кој ќе биде отворен со можност да се пријават сите економски оператори. Имаме намера на повикот да аплицира и ЕСМ и се надевам дека наскоро ќе биде извршен и изборот, рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Дотогаш, како што рече, според Законот за енергетика, БЕГ, без разлика што им е одземена лиценцата, ќе треба да ја извршува дејноста до изборот на нов оператор.

Битиќи најави дека ќе се направи се што е во доменот на возможно за да се подготвиме за што полесно да ја пребродиме зимата.

– Наскоро ќе излеземе со тоа што е навистина возможно. Уште пред два месеци повикав на одредени мерки за штедење, а сега тоа го прават сите западни земји. Таму тоа не е смешно за разлика од нашето општество. Ќе ги преземеме сите мерки и ќе повикаме на разумност на сите чинители затоа што во воена и енергетска криза однесувањето на сите е битно за да може да ја пребродиме што полесно, порача Битиќи.

Со фактот што имаме дефинирана цена и производство на електричната енергија до крај на годината, потенцира вицепремиерот, ние веќе сме осигурале еден сегмент на општеството, а тоа се сите кои се на регулираниот пазар на електрична енергија.