ЕСМ побара од три компании до четврток да достават понуда за гас за цела грејна сезона
Но, наместо за ноември Електрани сега бара комплетна понуда за цела грејна сезона. Компаниите треба да ја достават документацијата најдоцна до четврток.
-За периодот ноември-април АД ЕСМ има потреба од 225 милиони нм3 природен гас, со кои ќе се покрие максимално работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ ТО, доколку и оваа електрана биде интергрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка со истата.- ЕСМ
Претходно Макпетрол соопшти дека пред пет дена испратиле понуда за гас за топланите Исток и Запад, но рокот за одобрување на количините истекол вчера.
-АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол АД ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад.- МАКПЕТРОЛ
Од ЕСМ повеќе пати уверија дека и да не се обезбеди гас навреме, топланите ќе продолжат да работат на дизел. Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да ги обновуваат договорите за парно греење на трите пункта кои им се ставени на располагање. Дел од нив завршиле брзо и без проблеми, други морале по втор пат да се вратат на шалтер.
За разлика од граѓаните кои беа приклучени на БЕГ, корисниците на Скопје – Север ќе имаат топли радијатори само уште два дена. Директорот Куштрим Рамадани повторно побара од ЕСМ да помогнат. Оттаму посочија дека тоа ќе се случи откако топланата ќе го врати минатогодишниот долг од 23 милиони денари.