АД ЕСМ нема да склучи договор за деловно-техничка соработка со АД „Топлификација” во стечај, кој е мнозински сопственик на АД „Скопје Север”, доколку не се исполнат обврските од претходниот договор за минатата грејна сезона, соопшти денеска генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Како што изјави Ковачевски, рок за склучувањето на договорот нема и овој пат „Топлификација” мора да гарантира со својот имот и финансии дека ќе се вратат назад средствата што ќе ги вложи ЕСМ во набавка на природен гас и во негова испорака до „Скопје Север”.
Утре, информира Ковачевски, претставници од АД „Скопје Север” ќе бидат повикани на состанок во ЕСМ на кој ќе бидат предложени новите мерки, термин-плановите и новиот договор за деловно-техничка соработка, но ќе биде и предочено дека старите обврски мора да се испочитуваат, како и дека прокурист од ЕСМ мора да биде назначен за да се грижи за имотот и средствата на ЕСМ и граѓаните.
– Нема да пристапиме кон реализирање на новиот договор доколку не се завршат претходните обврски. Гаранции мора да има, овој пат нема да се потпише договор доколку не се испочитуваат сите формално-правни работи. Се ќе направиме и ние од ЕСМ и Владата, жителите на Бутел, Чаир и околината да имаат парно, но формално-правно и правните и финансиските работи мора да се почитуваат зашто мора да ги заштитиме и парите на граѓаните. Средствата од минатата грејна сезона се уште не се вратени во АД ЕСМ и не се потпишани никакви обврски од страна на „Скопје Север”. Греењето кон граѓаните е испорачано, сметките се испорачани, граѓаните ги платиле, но парите се уште не се вратени на наменската сметка на АД ЕСМ. Затоа вчера Владата, покрај тоа што не задолжи да склучиме нов договор за деловно-техничка соработка, во заклучокот стои дека овој договор не ги исклучува обврските од претходниот договор што беше потпишан, но во целост не се испочитувани обврските од АД „Скопје Север”, истакна Ковачевски.
Тој информира дека „Скопје Север” и неговиот мнозински сопственик АД „Топлификација” во стечај воопшто не соработувале со АД ЕСМ минатата грејна сезона.
– Јавноста мора тоа да го знае. Наидовме на многу препреки и потешкотии да ги задржиме и зачуваме државниот капитал, како и државните средства што ги вложивме за да се набави природен гас за да може „Скопје Север” да работи. Се попречуваше пристапот на нашиот прокурист, чија улога е да има увид во работењето и да го претставува АД ЕСМ во „Скопје Север”. Прокуристот на ЕСМ со претходниот договор никогаш не беше впишан во Централниот регистар. Овластеното лице никогаш не го врза потписот за да можеме да ги контролираме протокот на финансии, другите исплати од наменската сметка и иако има таква обврска во договорот, „Скопје Север” не испраќаше секојдневни извештаи до прокуристот за извршените плаќања од претходниот или за наредниот ден. Стечајниот управник на АД Топлификација во стечај одби да го потпише договорот и да даде гаранција за уплатените средства и не издаде меница за обезбедување на нашите исплатени средства. Не доставуваа извештаи до АД ЕСМ за порамнување на финансиската помош на сметките за домаќинствата кои ги користеа услугите на „Скопје Север”, потенцира Ковачевски, додавајќи дека за овие работи АД ЕСМ неколку пати се обраќала до „Скопје Север” и барала состаноци.
За половина грејна сезона, од јануари до април, АД ЕСМ кон „Скопје Север” исплатила над 26 милиони денари или околу 425 000 евра, а за оваа грејна сезона, „Скопје Север”, како што соопшти, побарува околу 60 милиони денари или околу еден милион евра.