ЕСМ најави можно продолжување на грејната сезона до 30 април
АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) најави продолжување на грејната сезона до крајот на месецов доколку прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажат дека средната температура на воздухот е еднаква или пониска од 12 Целзиусови степени.
Грејната сезона официјално заврши пред два дена, на 15 април, но од ЕСМ најавуваат нејзино продолжување најдоцна до 30 април.
„ЕСМ енергетика продолжува со снабдување со топлинска енергија и покрај официјалното завршување на грејната сезона. Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од страна на РКЕ, снабдување може да се врши и по 15 април, кога прогнозираната средна температура е пониска од 12 степени, но не и по 30 април“,соопштија тие.
Од компанијата додаваат дека во деновите од празникот, но и останатите денови, ЕСМ ќе врши снабдување со топлинска енергија согласно надворешните температури.
Во периодот што следува, ЕСМ најавува и дека ќе врши порамнување на сметките за мај, јуни и јули согласно испорачаната количина на топлинска енергија во текот на грејната сезона, односно, како што велат оттаму, ќе се врши порамнување меѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија.
„Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и, секако, од количината испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови“ велат од ЕСМ.