ЕСМ, ЕВН, ТЕ-ТО, најголеми продавачи на струја во 2022 година во Македонија

Операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО ги објави најголемите продавачи на електрична енергија во Македонија во својот биланс за 2022, во кој освен најголемиот произведувач АД ЕСМ и универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доминираат и увозниците кои традиционално тргуваат со струја, пишува Фактор.мк.

Според тоа, може да се каже дека нема значајни промени во структурата на продажбата на електричната енергија и покрај енергетската криза која беше најавувана уште од средината на 2021 и потребата од големи инвестиции во домашното производство.

Очекувано, АД ЕСМ е број еден со 4.430.896.535 продадени мегаватчасови, додека ЕВН Хоме на домаќинствата и малите потрошувачи им продала струја од 3.744.950.587 мегаватчасови.

На третото место е гасната централа АД ТЕ-ТО со 946.508.345 мегаватчасови продадени на слободниот пазар. Четврт е ЕВН Снабдување, фирмата-ќерка која продава електрична енергија на слободниот пазар со реализирани 961.529.237 мегаватчасови. Уште една фирма-ќерка – ЕВН Електродистрибуција е во Топ-5. Операторот кој ги покрива загубите во дистрибутивната мрежа реализирал 855.855.000 мегаватчасови.

ЕВН Трејдинг, уште една фирма-ќерка која тргува со увозна електрична енергија, продала 808.304.000 мегаватчасови, а понатаму на седмата позиција е словенечката компанија ГЕН-И со продадени 594.337.000 мегаватчасови.

Последните три од најголемите десетмина продавачи се грчкиот ЕДС, познат по тоа што ги снабдува со продажба државните институции, со 430.018.152 мегаватчасови. ЕСМ Продажба, фирмата-ќерка на АД ЕСМ, која на слободниот пазар пред се ги снабдува со струја болниците, училиштата и другите институции, е на 9.место со 403.451.195, додека термоелектраната на мазут ТЕЦ Неготино, која претходно не работеше од 2009, е последна во првите десет со 401.262.272 мегаватчасови.

1. АД ЕСМ 4.430.896.535 MW

2. ЕВН Хоме 3.744.950.587

3. ТЕ-ТО 946.508.345

4. ЕВН Снабдување 961.529.237

5. Електродистрибуција 855.855.000

6. ЕВН Трејдинг 808.304.000

7. ГЕН-И 594.337.000

8. ЕДС 430.018.152

9. ЕСМ Продажба 403.451.195

10. ТЕЦ Неготино 401.262.272

11. ЕФТ Скопје 307.184.000

12. ЕТМТ 287.654.457

13. Соларис ТРД 186.746.000

14. РЕС 163.014.493