Ескобар: САД очекуваат предлог од Приштина за ЗСО до 2 мај

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар очекува дека т.н косовската влада до 2 мај да претстави предлог за Заедницата на српските општини.

„Се надевам дека до 2 мај ќе има изводлив нацрт“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека е постигнат напредок во однос на прашањето за ЗСО и како тој ги наведе „големите еволуции во односот на Владата на Косово, а особено на премиерот Аљбин Курти, да ја прифати таа законска обврска“.

„Тоа е постоечка обврска, според Бриселскиот договор, што беше многу тешко за владата, а особено за таа партија, да го прифатат како обврзувачки, но сега зборуваат за тоа како обврска. Тие се согласија на таа обврска и јавно кажаа која е рамката и кои треба да бидат параметрите за формирање на заедницата и ние се согласуваме со тие параметри“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека САД ќе ги признаат изборите во северно Косово дури и ако Српската листа ги бојкотира, додавајќи дека „бојкотот не ги дефинира изборите“.

„Поканивме, а јас лично интервенирав и ја поканив Српска листа да учествува и да не се откажува од влијанието што може да го има. Тие самите решија да не учествуваат. Но тие избори се уставна обврска. Има слободни места. Има луѓе кои не добиваат услуги во нивните општини затоа што нема лидер. Ако овие избори бидат фер и праведни, како што очекувам дека ќе бидат, од наша перспектива резултатот ќе биде легитимен“, рече Ескобар.

Тој рече дека се надева оти Србите на Косово ќе најдат начин да се вратат во институциите. Сепак, Ескобар додаде дека бојкотот не треба да го одложи формирањето на ЗСО.

„Таа обврска е непосреден, постоечки услов. Без разлика кој е на власт, таа институција, заедницата мора да се формира“, нагласи Ескобар.

Тој го пофали Охридскиот договор како „извонреден“ и рече дека, доколку правилно се имплементира, ќе воведе „нова ера во мирните односи меѓу Србија и Косово“ и ќе го отвори патот за нивната евро-атлантска иднина.