Ескобар доаѓа во Скопје, ќе се сретне и со Мицкоски

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре (четврток, 24 август 2023 г.) доаѓа во посета на Скопје. Ескобар ќе биде во земјава и в петок (25 август) за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници.

Освен со државно-владиниот врв, Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа од Кичево изјави дека „целиот свет“ прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.

Во јули годинава Ескобар изјави дека американската администрација работи со властите во Софија за Бугарија да не испорачува нови услови и барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.