Ескалација на тензиите! Кинеските авиони во просторот над Тајван, Тајпеј ги кренаа борбените летала

Поради влегувањето на кинеските авиони во зоната на противвоздушна одбрана, Тајван ги кренал своите борбени авиони, јавува тајванското Министерство за одбрана.

Тајван, кој Кина го смета за своја територија, рекол дека пратил авиони и распоредил ракетни системи за “следење на кинеските активности” во својата идентификациска зона на противвоздушна одбрана.

Кина најави остар одговор по вчерашната посета на Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. По посетата на Тајван, претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси полета кон нејзината следна станица од патувањето во Азија, Јужна Кореја.

Претходно, таа се сретна со активисти за човекови права, вклучувајќи го и поранешниот лидер на кинеското демократско движење, Вуер Каикси, што беше крваво потиснато во 1989 година.

Пелоси се сретна и со поранешниот продавач на книги во Хонгконг, Лам Винг-ки и со социјалниот активист Ли Минг-чи, двајцата кои беа затвореници во Кина, во паркот за човекови права и култура Џингмеј. Ли само што се врати во Тајван од Кина, откако отслужи петгодишна затворска казна за „уривање на државната власт“.

Дискусијата, која ја следеа и други претставници за човекови права, се фокусираше на тоа како човековите права може да се промовираат во Кина, Хонгконг и особено во регионот Ксинџијанг, појаснија учесници.