
На полуостровот Рејкјанес на југозапад од Исланд по неколкунеделни интензивни земјотреси синоќа еруптираше вулкан. Околу 4.000 луѓе претходно беа евакуирани од рибарскиот град Гриндавик, а блиската геотермална бања Blue Lagoon беше затворена.
Ерупцијата започна северно од градот во 22:17 часот по локално време, соопшти исландската метеоролошка служба. Регионот околу главниот град Рејкјавик од крајот на октомври доживува зголемена активност на земјотреси, јавува Би-Би-Си.
Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат лава како избива од вулканот само еден час по земјотресот.
Очевидец од градот изјави за Би-Би-Си дека половина од небото во правец на Гриндавик е „осветлено во црвено“. Тој исто така рече дека чад се крева високо во воздухот, а полицијата ги предупредува луѓето да се држат подалеку од областа.
Хеликоптер на крајбрежната стража беше испратен во областа за да ја потврди точната локација и големината на ерупцијата.
Националната метеоролошка служба соопшти дека ерупцијата се наоѓала на околу 4 километри североисточно од Гриндавик и дека сеизмичката активност се движи кон градот. Должината на пукнатината во вулканот е околу 3,5 километри, а лавата тече со брзина од околу 100 до 200 кубни метри во секунда, се додава.