Ердоган ја предупреди Грција да ги демилитаризира островите во Егејското Море

„Ја повикуваме Грција да престане со вооружувањето на невоените острови и да дејствува во согласност со меѓународните договори. Не се шегувам, сериозен сум“, рече Ердоган на последниот ден од турските воени вежби во близина на Измир, на турскиот брег на Егејското Море.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја предупреди Грција да ги демилитаризира островите во Егејското Море, велејќи дека „не се шегува“ кога го рекол тоа.

„Ја повикуваме Грција да престане со вооружувањето на невоените острови и да дејствува во согласност со меѓународните договори. Не се шегувам, сериозен сум“, рече Ердоган на последниот ден од турските воени вежби во близина на Измир, на турскиот брег на Егејското Море.

Ердоган изјави дека „ја предупредува Грција да не презема активности за кои ќе зажали“ и додаде дека Турција „нема да се откаже од своите права во Егејското Море“.

Турција тврди дека Грција го зголемува своето воено присуство во Егејското Море, со што ги прекршува договорите кои гарантираат демилитаризиран статус на островот. Анкара наведува и дека тие острови и биле отстапени на Грција под услов да останат демилитаризирани.

Грција одговара дека Анкара намерно погрешно ги толкува договорите во врска со вооружените сили на источните грчки острови и тврди дека има правна основа да се брани од непријателските потези на Анкара.