Турските иницијативи за изнаоѓање мирно решение за конфликтот меѓу Русија и Украина пропаднаа поради недостиг на поддршка, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на отворањето на Форумот за дипломатија во Анталија, пренесе ТАСС.
„Украинската криза влезе во третата година. Истанбулскиот (мировен) процес започна овде во Анталија. Тогаш надежите за мир достигнаа ново ниво. Но, за жал, поради немањето потребна поддршка, нашите напори пропаднаа. Историската можност да се постигне мир, да се спречи уништување и да се спасат десетици илјади животи во суштина беше пропуштена, односно саботирана“, рече тој.
Ердоган рече дека кризите „во Сирија, Јемен, Либија и Украина покажаа дека сегашниот меѓународен систем е целосно неефикасен“.
„Но, повеќе од каде било на друго место, банкротот на овој систем заснован на правила е евидентен во Газа. Ова што се случува во Газа дефинитивно не е војна, тоа е обид за геноцид. Советот за безбедност на ОН, меѓународните организации не презедоа чекори за запирање на крвопролевањето“, рече Ердоган.
Во март 2022 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се состана со неговиот украински колега Дмитро Кулеба на маргините на дипломатската конференција во Анталија. Средбата беше предложена од тогашниот министер за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу. Тие разговори не дадоа значителни резултати.
После тоа, во Истанбул се одржа рунда руско-украински преговори со турска поддршка. Разговорите произведоа парафиран предлог за договор, но тој никогаш не се оствари.
Рускиот претседател Владимир Путин во интервју за американскиот новинар Такер Карлсон изјави дека Русија се уште е отворена за разговори за Украина, но откако разговорите во Истанбул пропаднаа во март 2022 година, Москва нема да го направи првиот чекор.