Ниту САД ниту Русија нема да се обидат да употребат нуклеарно оружје, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по состанокот на шефовите на разузнавачките служби на двете земји во Анкара.
„Според информациите што ги добив од мојот директор за разузнавање за САД и Русија, ниту еден од нив нема да се обиде да користи нуклеарно оружје“, рече Ердоган, според официјалната новинска агенција Анадолија.
Шефот на ЦИА Вилијам Барнс и неговиот руски колега Сергеј Наришкин се состанаа во Анкара претходно оваа недела, потврди кабинетот на Ердоган.
Барнс тогаш, според Белата куќа, го предупредил шефот на руското разузнавање за последиците од прибегнувањето кон нуклеарно оружје, кое Русија се закани дека ќе го користи во Украина.
Белата куќа за таа средба изјави дека „не станувало збор за никакви преговори“ ниту за „разговори за решавање на војната во Украина“,пренесуваат медиумите.