Праведен мир во Украина може да се воспостави со дипломатски напори, изјави денеска во Астана турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA).
Ердоган нагласи дека целта на Турција во руско-украинскиот конфликт е да ги зачува постигнатите стимулации, и покрај локалните тешкотии, и да го запре крвопролевањето што е можно поскоро.
Секогаш сум велел дека праведен мир може да се постигне преку дипломатија, а нашите интензивни напори за елиминирање на последиците од конфликтот добија признание низ целиот свет. Размената на затвореници минатиот месец е посебно достигнување во таа насока, рече турскиот претседател.
Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), чии 27 земји членки сочинуваат околу 90 отсто од територијата на Азија и речиси половина од светското население, денеска се одржува во Астана, јавува руската агенција.
На настанот, покрај претседателите на Казахстан и Турција, учествуваат и лидерите на Русија, Азербејџан, Ирак, Иран, Катар, Киргистан, Палестина, Таџикистан и Узбекистан, а предвидено е учество на вкупно околу 50 делегации.
Турскиот претседател Ердоган потврди дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на конференцијата CICA во Астана и најави дека планира со него да разговара за можностите за дипломатско решение на конфликтот во Украина и за посредување на Анкара во овој процес.
Како што претходно истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Турција би можела да предложи организирање дијалог меѓу Москва и западните земји за време на оваа средба, јави ТАСС.