Реџеп Таип Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори во Турција со освоени 52,14 отсто од гласовите, ги објави официјалните резултати претседателот на Високата изборна комисија, Ахмет Јенер.
Вчера Јенер изјави дека по 99,43 отсто отворени гласачки кутии, ривалот на Ердоган, опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освоил 47,86 отсто од гласовите, пренесе Ројтерс.
Јенер изјави дека Ердоган добил повеќе од два милиони гласови повеќе од Киличдароглу и дека непреброените гласови нема да го променат резултатот.
„Ова е победа на целата нација од 85 милиони луѓе“, изјави Ердоган по освоените 52% гласови во вториот круг.
Кандидатот на здружената опозиција Кемал Киличдароглу јавно не го призна поразот, туку само кажа дека ова биле најнеправедните избори во последните години. Тој на крајот освои над два милиона гласови помалку од Ердоган.
Старо-новиот претседател им се обрати на своите поддржувачи од балконот на раскошната претседателска палата во Истанбул, проценувајќи дека пред неа се собрале 320.000 луѓе, од кои некои дојдоа дури од Анкара.
„Ова беа едни од најважните избори во турската историја и ова не е само моја победа. Единствениот победник е Турција“, кажа Ердоган.
Тој призна дека економската криза и високата инфлација се најитните проблеми на Турција што ќе мора да се решат. Друг приоритет е обновата на областите кои беа тешко погодени од катастрофалните земјотреси во февруари, во кои загинаа над 50.000 луѓе во Турција и Сирија.