Ердоган го нарече Нетанјаху вампир што пие крв

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека „светската заедница го следи варварството“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го нарече „ментално болен човек, манијак, психопат и вампир кој се храни со крв“, јавува Anadolu Agency.

Министерството за комуникации на Турција на платформата X објави дека Ердоган на партиски состанок во Анкара рекол дека „младите почнуваат да гледаат што е перверзијата на ционизмот“ и дека се надева на свет без ционистичка перверзија.

„Ниту една религија не смета дека е легитимно да се палат до смрт невини цивили во нивните шатори“, се додава во соопштението на Министерството.

Ердоган рече и дека и рацете на американската влада се извалкани со крв, велејќи дека таа е одговорна и за „геноцидот во Газа“.

Израелските медиуми објавија дека Ердоган ги критикувал Израел и САД за војната во Газа во говорот на состанокот на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) попладнево.

Тој рече дека шефовите на држави во Европа станале соучесници во „израелскиот вампиризам“ затоа што молчат.