ЕП: Шпанија ја совлада Грузија и закажа четвртфинале со Германија

Репрезентацијата на Грузија не успеа да приреди уште една сензација и загуби од фаворизираната Шпанија со конечни 4-1 (1-1) во осминафиналниот натпревар од Европското првенство.

„Фуријата“ беше многу подобар противник и сосема заслужено оди меѓу осумте најдобри на турнирот, но Грузијците со пожртвуваната игра успеаја да ги освојат симпатиите на неутралните љубители на фудбалот.

Шпанија започна со неверојатно силен налет по голот на Грузијците.

„Фуријата“ бргу покажа зошто е фаворит во оваа пресметка и не му дозволуваше на ривалот да излезе од својот шеснаесетник во првите петнаесетина минути. Грузиската одбрана делуваше малку исплашено, но беше доволно сконцентрирана и не дозволи рана негатива.

Потоа избраниците на Вили Сањол се ослободија од притисокот и истрчаа неколку пеколни контра-напади, а еден од нив беше фатален за Шпанците. Какабадзе во 18. минута нафрли една топка кон Квича Кварацкелија, но на неа натрча Робин Ле Норманд, кој несмасно ја смести во својата мрежа и го постигна осмиот автогол на Европското првенство.

Грузија имаше сензационално водство од 0-1, потоа во два наврата тргна и по втор погодок, но веднаш потоа следуваше казната и Шпанија израмни преку Родри во 39. минута. Играчот на Манчестер Сити доби топка од Нико Вилијамс и биеше неодбранливо од шеснаесетина метри. Двете селекции имаа уште по една шанса до крајот на првиот дел, но резултатот на паузата остана 1-1.

Кварацкелија имаше прекрасна шанса на самиот старт од вториот дел, ѕвездата на Наполи го забележа истрчаниот Унаи Симон, но ударот од 35 метри заврши близу до стативата. Веднаш потоа Шпанија повторно ја покажа својата сила и успеа да дојде до прво водство на мечот. Ламин Јамал биеше од слободен удар, Мамардашвили одбрани, но потоа топката дојде до Фабиан Руиз, кој со глава ја затресе мрежата во 51. минута (2-1).

Се обиде Грузија со нови контри да го загрози голот на Симон, но во продолжение од мечот беше веќе извесно дека фаворитот нема да дозволи ново изненадување. Одбраната на Грузијците полека започна да се распаѓа, а потоа дојде и третиот погодок во нивната мрежа, откако Нико Вилијамс истрча во контра-напад и со исклучително силен удар го матираше Мамардашвили во 75. минута.

Стануваше јасно дека Шпанците на крајот ќе забележат убедлив триумф над аутсајдерот, а тоа и го потврдија со конечните 4-1, кои беа дело на Дани Олмо во 83. минута. Завршува убавата бајка на Грузија на ова Европско првенство, додека Шпанците се подготвуваат за мега четвртфинална пресметка против домаќинот Германија.