ЕП отвора канцеларија за Западен Балкан во Албанија

Европскиот парламент ќе отвори канцеларија во Албанија за дополнително зајакнување на својот ангажман во Западен Балкан, јавија албанските медиуми цитирајќи синоќешно соопштен од таа институција.

Европскиот парламент (ЕП) ќе отвори канцеларија во Албанија за дополнително зајакнување на својот ангажман во Западен Балкан, јавија албанските медиуми цитирајќи синоќешно соопштен  од таа институција.  Според соопштението на ЕП, новата канцеларија на ЕП во Тирана ќе служи како клучна точка за контакт меѓу ЕП и националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од Западен Балкан, „во контекст на зголемените геополитички тензии и обновениот моментум на проширувањето на ЕУ“.

Канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на ЕП, особено во однос на процесот на пристапување во ЕУ, и ќе ја поддржи демократијата и институционалните реформи во регионот, се додава во соопштението.

Исто така, ќе обезбеди помош во подготовката и следењето на официјалните посети на членовите на Европскиот парламент и ќе ја зајакне соработката со другите актери на ЕУ на терен, како и со меѓународните и граѓанските организации.

Се нагласува дека ЕП доследно ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан „признавајќи ја неговата стратешка важност за регионалната стабилност и поширокиот европски проект“. Формирањето на таа канцеларија „ја одразува пошироката стратегија на ЕУ за продлабочување на ангажманот со земјите кандидати“, наведуваат албанските медиуми.

Виталната потреба за зајакнување на партнерството на ЕУ во Западен Балкан станува се појасна со оглед на актуелните геополитички предизвици, вклучувајќи ја и руската војна во Украина. „Формирањето на канцеларија на ЕП во Тирана ја нагласува силната посветеност на Парламентот за поддршка на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ, истовремено поттикнувајќи ја стабилноста, демократијата и поблиските односи меѓу ЕУ и нејзините соседи“, се заклучува во соопштението.

Во моментов, ЕП има три оперативни претставништва – во Њујорк, Џакарта и Адис Абеба и одлучи да отвори канцеларија во Молдавија за дополнително да го зајакне својот ангажман во регионот на Источното партнерство.