ЕП ги одби барањата на Унгарија за укинување на имунитетите на европратениците Салис и Маѓар

Европскиот парламент денеска ги одби барањата на Унгарија за одземање на пратеничките имунитети на европратениците Иларија Салис од италијанската Алијанса на зелените и левицата (АВС) и Петер Маѓар од унгарската опозициска Партија на почитта и слободата (Тиса).

Европскиот парламент денеска ги одби барањата на Унгарија за одземање на пратеничките имунитети на европратениците Иларија Салис од италијанската Алијанса на зелените и левицата (АВС) и Петер Маѓар од унгарската опозициска Партија на почитта и слободата (Тиса).

„За“ извештајот на европратеникот Илхан Ќучук со кој се предлагаше отфрлање на барањето за одземање на имунитетот на Салис, со тајно гласање, се изјаснија 306 пратеници, 305 беа „против“, а 17 „воздржани“.

По ова, чешкиот европратеник Томаш Здеховски од Европската народна партија (ЕПП) побара прегласување од технички причини со образложение дека еден негов колега не можел да гласа, но претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола го одби ваквото барање.

Во случајот на Маѓар, пак, со јавно гласање европратениците со големо мнозинство ги поддржаа трите извештаи со кој се предлагаше отфрлање на барањата за одземање на неговиот имунитет.

Пратеничкиот имунитет ги штити европратениците од правни постапки, па неговото укинување во овие два случаи ќе им овозможеше на унгарските судови да ги истражуваат и потенцијално да ги гонат Салас и Маѓар.

Гласањата за одземање на имунитетот на европратениците вообичаено се рутински и процедурални, но во овој случај барањето на Будимпешта за овозможување на судска постапка против Салас и Маѓар се претворија во дебата околу посветеноста на Европскиот парламент на владеењето на правото.

Унгарските власти ја товарат екстремно левичарската европратеничка Салис за учество во физички напад врз учесници на десничарски протест во Будимпешта во 2023 година во време кога таа не беше членка на Европскиот парламент. Противниците на укинувањето на нејзиниот имунитет предупредуваа дека Салас не би имала фер судење во Италија и затоа треба да биде заштитена од прогон.

За разлика од ова, ЕПП, која официјално го поддржа одземањето на имунитетот на Салис, оцени дека Европарламентот треба да се придржува до својата пракса да се спротивстави на одземање на имунитет на европратеник само доколку има „јасен политички мотив за негов прогон“.

Гласањето за одземање на имунитетот на Салис беше тајно на барање на левичарските групи, со цел, според нив, да им се дозволи на пратениците да гласаат „по сопствено уверување“, а не по диктат на нивните пратенички групи.

Од друга страна, Маѓар, кој е главен политички ривал на унгарскиот премиер Виктор Орбан и до 2024 година беше член на неговата партија Фидес, се товари за кражба на телефон во ноќен клуб, како и за две клевети.

Унгарија уште пред денешните гласања го обвини Европскиот парламент за лицемерие, тврдејќи дека ја попречува работата на унгарските правосудни органи, а од друга страна ја обвинува Будимпешта за наводно непочитување на принципите на владеењето на правото.