Д-Р БАБАЧИЌ: ОМИКРОН – РАНО Е ЗА ПАНИКА, НО ВНИМАТЕЛНО СО НОВИОТ СОЈ НА ВИРУСОТ

„Вистината е дека засега знаеме многу малку за варијантата и не треба да се истрчуваме и да паничиме дека ова е драматично сценарио. Доказите за поголема заразност постојат но се слаби, а не сум сретнал докази дека предизвикува потешка клиничка слика“ вели д-р Харис Бабачиќ кој магистрирал епидемиологија во Германија, а сега е докторант-истражувач при медицинскиот универзитет Каролинска институт во Стокхолм

Со појавата на новиот сој на коронавирусот „Омикрон“ воочена е поголема зачестеност во последниот пораст на случаи во Јужна Африка, како и во случаи на реинфекција, што укажува дека е можеби позаразна од досегашната доминанта делта варијанта. Поради ова, а и затоа што има повеќе мутации, т.е. промени во генетскиот код, од останатите варијанти е класифицирана како варијанта на загриженост од Светската Здравствена Организација, оценува Д-р Харис Бабачиќ кој по потекло e од Македонија, а неколку години работи на Каролинска институтот во Стокхолм. Бабачиќ бил првенец на генерација на Медицинскиот факултет вo Скопје.

Според него, еден дел од овие промени во генетскиот код се веќе видени кај алфа и делта варијантата и се поврзани со поголема инфективност, преносливост и отпорност кон вакцините. Тоа ги подразбира мутациите во S (spike – шилестиот) протеин, против кој се дизајнирани повеќето вакцини против КОВИД-19, и кој го врзува ACE-2 протеинот кој е одговорен за влезот на вирусот во клетките. Но, д-р Бабачиќ оценува дека разликата помеѓу претходните варијанти и оваа варијанта е во тоа што бројот на мутациите е поголем кај омикрон варијантата. Меѓутоа, тоа не значи дека оваа варијанта ќе биде значително позаразна или поотпорна кон вакцините.

ДОКАЗИ ЗА ПОГОЛЕМА ЗАРАЗНОСТ ПОСТОЈАТ, НО СЕ СЛАБИ

„Вистината е дека засега знаеме многу малку за варијантата и не треба да се истрчуваме и да паничиме дека ова е драматично сценарио. Доказите за поголема заразност постојат, но се слаби, а не сум сретнал докази дека предизвикува потешка клиничка слика. Да почекаме да завршат првичните испитувања од СЗО, кои ќе потраат неколку недели, па ќе увидиме дали бројот на мутациите ќе има значително влијание врз заразноста или тежината на болеста или отпорноста кон вакцините. Има логика да се верува во тоа, особено во ризикот од поголема отпорност на варијантата кон вакциналниот имунитет, земајќи предвид дека колку повеќе промени има во S протеинот, толку поголема е веројатноста дека дел од репертоарот на антитела и Т-клетки создаден преку вакцина не би го препознал вирусот и со тоа вирусот делумно би избегнал уништување. Сепак, S протеинот е многу долг протеин и малку веројатно е да неколку десетици промени во неговиот код ќе го направат целосно непрепознатлив за имуниот систем. Би рекол дека ризикот од пробивни инфекции е реален, но не очекувам дека вирусот би бил целосно непрепознатлив за имуниот систем дотаму да вакцините би биле неефикасни во спречување хоспитализација и смртен исход. Останува да видиме дали и колку” објаснува епидемиологот Бабачиќ.

Неколку извештаи од Јужна Африка укажуваат дека сегашните полимеразно-верижни реакции (PCR) покажуваат негативен наод за генот на S протеинот кај омикрон варијантата, што веројатно се должи на промените во секвенцата за која тестот е дизајниран. Тоа може да им помогне на лабораториите за побрзо воочување на варијантата каде секвенционирањето е ограничено, како во нашиот регион од светот.

Покрај Европа, пријавени се случаи и во Боцвана, Хонг Конг, Израел… И прашање на време е кога ќе се прошири и во останатите делови од светот.

МОЖНО Е ДА ПРИСТИГНЕ И ВО МАКЕДОНИЈА, НО ДАЛИ ЌЕ СТАНЕ ДОМИНАНТЕН – УШТЕ НЕ ЗНАЕМЕ

Во однос на Македонија, Бабачиќ вели дека засега не може да се каже дали ние како држава ќе бидеме на удар затоа што во моментов има премалку информации, сепак додава дека веројатно во некој даден момент, ќе забележиме случај на омикрон варијанта и во Македонија, но дали ќе стане доминантна ќе зависи од тоа дали е позаразна од делта варијантата.

„Доколку е позаразна, ограничувањата на патувања имаат смисла со цел да ја успорат појавата на варијантата, но не верувам дека ќе ја спречат. Тоа сме го согледале и со останатите варијанти. Какво и да е сценариото, убеден сум дека вакцинирањето со две дози од било која од постоечките вакцини ќе помогне во обезбедувањето на некаков имун одговор и кон оваа варијанта. Вакцинирањето значително ќе помогне во соочувањето со било какво сценарио кое претстои. Во некакво крајно сценарио, доколку варијантата стане целосно непрепознатлива за имуниот одговор создаден од вакцините, секогаш останува опцијата да се редизајнираат вакцините да опфаќаат повеќе серотипови. Но засега не гледам докази во прилог на тоа. Можат да ги ограничат патувањата кон земјите кои имаат детектирано омикрон варијанта и/или да ги тестираат сите патници кои доаѓаат од тие земји со PCR. Доколку варијантата е навистина позаразна, не верувам дека тоа ќе ја спречи нејзината појава во државата, но може да ја успори“ смета д-р Бабачиќ.

„ЛЕКАРИТЕ КОИ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ И СЕ ПРОТИВ ВАКЦИНАЦИЈА НЕ ТРЕБА ДА СЕ ДЕЛ ОД ЗДРАВСТВОТО“

Во однос на финансиската стимулација за матичните лекари ако над 70 насто од нивните пациенти се вакцинираат, д-р Бабачиќ смета тоа не е начин на кој треба да се поттикнат граѓаните да се вакцинираат поради неколку причини.

„Довербата помеѓу лекарите и пациентите сериозно ќе биде нарушена бидејќи одеднаш лекарите би имале финансиски мотив да препорачуваат вакцинација, што пациентите можат да го перцепираат како заработка преку нив. Со тоа станува прашање и на медицинска етика. Лекарите препорачуваат и треба да препорачуваат вакцинација затоа што тоа е исправната одлука базирана на научни докази. За оние лекари кои не се вакцинирани и се против вакцинација, целосно се согласувам со видувањето на претседателката на Комитетот за имунизација кога вели дека не треба да бидат дел од здравството. Доколку дел од граѓаните не разбираат дека вакцинирањето е исправната одлука за справување со пандемијата, тоа треба да се искомуницира отворено со нив, за да се соочиме со сите нивни стравови кои ги имаат. Тоа е можно преку силно-изградена доверба помеѓу лекарот и пациентот кој се двоуми. Воведување на финансиски елемент сериозно ќе ја разниша таа комуникација и довербата која е долго време градена. Дополнително, ќе му даде крилја на антиваксерското движење. Надоместокот базиран на праг на вакцинација ќе воведе и нееднаквост меѓу матични лекари. Знаеме дека во одредени региони каде живее население со повисоко образование стапката на вакцинација е повисока, што поставува нееднакви можности за лекарите во руралните места каде е помалку веројатно да населението е отворено за вакцинација и е потешко да се оствари комуникација. Не е фер кон овие матични лекари да финансискиот надомест биде базиран на праг на вакцинација, а не на процентуалниот пораст во стапката. На крај, доколку се воведува финансиски поттик, тој треба да биде насочен кон примателот на вакцината, а не кон здравствениот работник. Неколку студии покажале дека давањето награди за граѓаните имале поттикнувачки ефект врз желбата за вакцинација, иако и ова е етички спорно” е заклучокот на епидемиолог д-р Харис Бабачиќ за веб порталот „Трилинг“.