Во пресрет на очекуваната тешка зима поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата, најави премиерот Димитар Ковачевски, додека во исто време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара надлежните да произведуваат струја која, ќе завршува како помош во стопанството.
Премиерот Ковачевски вчера по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во Општина Ранковце најави дека Економскиот совет ќе ги разгледа барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите и штом ќе ги имаат пресметките, Владата ќе интервенира во тој дел.
Сепак, според него, евентуално дополнителното намалување на ДДВ-то не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, бидејќи таа на слободниот пазар е над 1000 евра.
– Во однос на намалувањето на ДДВ-то, тоа е веќе намалено за електричната енергија. Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија, изјави Ковачевски.
Премиерот посочи и дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.
– Се наоѓаме во период кога цените на електричната енергија се највисоки и се повисоки од која било економска логика, зборувам за целиот европски континент, а она што го имаат како задача сите ресори во Владата и компаниите кои што се во државна сопственост, тоа ќе мора да го испорачаат со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија, додаде премиерот Ковачевски.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски од Берово обвини дека македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот и упати апел до надлежните да произведуваат струја која „ќе завршува како помош во стопанството“.
– Апелирам до надлежните… да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените. Да се зафатат за работа, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно, изјави Мицкоски.