ЕК: Проширувањето во стратешки интерес на ЕУ, да се вклучи во дизајнот на буџетот на ЕУ

Европската комисија денеска го усвои документот за реформи пред проширувањето и преглед на политиките, во кој се наведува дека проширувањето е во стратешки интерес на самата ЕУ и се наведува дека процесот на проширување треба да биде вклучен во дизајнот на следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ.

Во документот, кој треба да придонесе за тековниот процес на дискусија за внатрешните реформи што ЕУ мора да ги спроведе за да се подготви за проширувањето, се бара од земјите од проширувањето да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и се вели дека проширената ЕУ „не треба да носи со себе нови предизвици во форма на нерешени билатерални спорови“.

Се посочува дека постепената интеграција станала важен елемент во подготовката на земјите за проширување долго пред пристапувањето, а исто така се предлага преминување од едногласно кон мнозинско одлучување во рамките на ЕУ во некои клучни области, вклучително и проширувањето, со одредени гаранции дека ќе ги заштити „стратешките национални“ интереси на земјите-членки.