
Денес, Европската комисија предложи отворање преговори со шест земји од Западен Балкан за укинување на таксите за роаминг.
Неочекувано високите сметки за услуги за користење мобилни телефони се нешто што повеќе го немаме во рамките на ЕУ, и „денес предлагаме ова да се прошири и на Западен Балкан“, изјави комесарката за проширување Марта Кос, пренесе Хина.
Откако ќе се склучат договорите со секој од партнерите и целосно ќе се усогласат со правилата за роаминг на ЕУ, луѓето што патуваат помеѓу ЕУ и Западен Балкан ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг.
Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата мандат да отвори преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Откако ќе добие мандат, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од овие земји.
Роамингот во рамките на Европската Унија беше официјално укинат на 15 јуни 2017 година, и оттогаш, корисниците плаќаат за повици, СМС-пораки и мобилни податоци по исти цени како во нивната матична земја додека патуваат во рамките на ЕУ.