ЕК го пропушти рокот за жалба за пресудата за „Фајзергејт“
Помина рокот во кој Европската комисија (ЕК) можеше да поднесе жалба на пресудата на Општиот суд на ЕУ за набавката на вакцини против Ковид-19, односно договарањето преку пораки помеѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на фармацевтскиот гигант „Фајзер“, Алберт Бурла. Со тоа, пресудата од мај стана правосилна, јавуваат европските медиуми.

Судот тогаш заклучи дека ЕК не дала задоволително објаснување зошто пораките што ги размениле Дер Лајен и Бурла не содржеле информации што би морало да бидат сочувани, односно службено регистрирани.
Случајот кој медиумите го нарекоа „Фајзергејт“ почна откако Дер Лајне во 2021 година во интервју за „Њујорк Тајмс“ откри дека разменувале СМС пораки со директорот на Фајзер пред договорот за вакцините вреден повеќе милијарди евра. Новинарите тогаш ги побараа пораките, но ЕК не ги достави.
Поради тоа одбивање изби скандалот, за кој поборниците на транспарентноста велат дека е пример на недостиг на одговорност во водењето на ЕК од страна на Дер Лајен. Истовремено, антиваксерите го користеа овој случај како аргумент за ширење сомнеж во легитимноста на процесот на набавка на вакцините.
Рокот за жалба на пресудата пред Судот на правдата на ЕУ истече во почетокот на јули, потврдија од Судот.
Во меѓувреме, Дер Лајен во Европскиот парламент во почетокот на јули ги бранеше своите постапки во врска со случајот. Таа тогаш се соочи со гласање недоверба покренато од десничарскиот европратеник од Романија, Георге Пипереа, но го преживеа.
Иако Комисијата не вложила жалба, тоа не значи дека ќе ги објави пораките. Судот во пресудата признава дека нивното пронаоѓање ќе биде отежнато, а портпаролот на ЕК изјави дека институцијата, во склад со пресудата, ќе даде „детално објаснување зошто не ги поседува бараните документи“.