Екс војникот на ОВК – Блерим Рамадани побегнал од куќен притвор

Од МВР денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК – Блерим Рамадани од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција.

Како што информираат од македонската полиција, по него ќе биде распишана централна потерница.

„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.

Информациите се дека Рамадани вчера побегнал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија.

„СДК.мк“ пишуваше дека по жалба на Обвинителството, тројца судии од Кривичен совет вчера му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Според порталот, некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе се враќа во Шутка, па тој побегнал од куќниот притвор.

Блерим Рамадани, беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 9 август косовското МНР информираше дека Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира поранешниот припадник на ОВК во Република Србија, информираше косовското МНР.