
Експерти на ОН предупредуваат на политиката на претседателот Трамп
„Загрижени сме поради обидите на новата американска администрација да ја ослабне домашната заштита на човековите права, да ги поткопува меѓународните човекови права и хуманитарни системи, да го уназади деценискиот напредок во родовата еднаквост и да ги поткопа меѓународните институции и граѓанското општество ширум светот“, се наведува во заедничката изјава на експертите.
Широк спектар експерти на ОН вчера излегоа со ставот дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува човековите права и основните слободи во САД и во странство.
„Загрижени сме поради обидите на новата американска администрација да ја ослабне домашната заштита на човековите права, да ги поткопува меѓународните човекови права и хуманитарни системи, да го уназади деценискиот напредок во родовата еднаквост и да ги поткопа меѓународните институции и граѓанското општество ширум светот“, се наведува во заедничката изјава на експертите.
Експертите додаваат дека се вознемирени од растечките напади на САД врз „меѓународната архитектура на човековите права, владеењето на правото, мултилатерализмот, принципите на суверена еднаквост и самоопределување и виталните меѓународни договори за мир и безбедност, климатските промени, глобалната правда и меѓународната соработка“.
Експертите потсетија дека Повелбата на ОН забранува закана или употреба на сила против територијалниот интегритет на земјите-членки.
Огласот го потпишаа 32 специјални известувачи, уште седум експерти и членови на шест работни групи, што е невообичаено голема бројка за вакви заеднички изјави на експерти на ОН.
Експертите за човекови права на ОН се независни, доброволни поединци назначени од Советот за човекови права на ОН да известуваат во нивната област на експертиза. Затоа тие не зборуваат за самите ОН.
„Заканите за повторно заземање на Панамскиот канал, за окупација на Газа со протерување на палестинското население, на Украина да и се упатуваат барања за изнуда на нејзините минерали како цена за поддршка на отпорот против Русија или да ја преземе контролата врз Гренланд, се јасни незаконски акти според меѓународното право“, наведуваат експертите.
Тие додаваат дека ги вознемирува и „проблематичната улога на главните бизнис играчи во новата американска администрација, кои вршат несоодветно влијание без никакви механизми за спречување на конфликт на интереси“, индиректно алудирајќи на милијардерот Илон Маск.
Експертите оценија дека ваквите потези им ја отвораат вратата на компаниите да ја преземат контролата врз американските власти.