Екоцид – ново кривично дело против животната средина

Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид, доколку се усвои актуелниот предлог текст на новиот Кривичен законик, а ќе се казни со доживотен или најмалку десет години затвор.

Во делот на еколошкиот криминал, како што појаснуваат од Министерството за правда освен тоа што се воведуваат некои целосно нови членови се врши и допрецизирање на некои постоечки, а во насока на усогласување со европското законодавство.

Загадувањето на воздухот, водата и почвата сега во пракса добива конкретни и мерливи вредности над кои тоа станува кривично дело, па така со членот 289, со кој се доуредува стариот член 218, досегашното „во поголем обем“ и „надмине дозволената граница“ се конкретизира со „во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот“ за што се предвидува казна затвор од една до три години. Доколку загадувањето е „во петкратно поголемо количество“ и казната се зголемување на од една до пет години.

Тој што на овој начин ќе предизвика „сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни“ ќе се казни со затвор од три до десет години.

Досегашниот член 218 дополнително се доуредува, па се предвидуваат казни од три месеци до пет години за „производство, трговија или употреба на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка“.

Со новиот предлог текст на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па така со новиот предлог член 309 – „тој што спротивно на прописите ќе произведе бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“

Новиот предлог Кривичен законик беше отворен за коментари на ЕНЕР – Единствениот национален електронски регистар на прописи, а според најавите од Министерството за правда до крајот на годината се очекува тој да биде разгледан и усвоен од Владата и доставен до Собранието.

Доколку се прифати оваа верзија на предлог-законот, освен екоцид, има и други измени и допрецизирања низ целата глава 25 – Кривични дела против животната средина и природата, и тоа од уништување насади со употреба на штетна материја, узурпација и бесправно градење на простор што е природна реткост или под приврмена заштита, па се до промена на воден режим, пустошење шума, незаконит лов и риболов, како и загрозување на животната средина и природата со отпад.