Предлогот за Захариева доаѓа од ГЕРБ и службената влада сосем веројатно ќе го усвои. Софија има шанси да ги добие ресорите транспорт или регионална политика
Политичарката која беше еден од архитектите на бугарското вето за Македонија, Екатерина Захариева, најверојатно ќе биде следниот еврокомесар од Бугарија.
ГЕРБ, партијата на Бојко Борисов, денеска ја предложи Захариева, поранешна министерка за надворешни работи, за место во новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен.
Бугарските медиуми јавуваат дека според политичките извори сосем веројатно е дека службената влада на Димитар Главчев токму неа и официјално ќе ја предложи за еврокомесар. Самиот Главчев е произлезен од ГЕРБ и неговиот прв службен кабинет, иако именуван од претседателот Румен Радев, главно ги спроведуваше интересите на партијата на Борисов.
Според праксата во Бугарија, предлогот го дава владата, но коалицијата ПП-ДБ бара тоа оди преку собранието. Крајниот рок за предлози е 30 август, така што речиси е исклучено бугарското собрание да расправа за некој друг предлог, а и поради опасноста процесот да биде блокиран.
Главчев досега не покажа еманципација од Борисов, кому му ја должи својата политичка кариера, а изборот на бугарскиот кандидат ќе биде уште еден тест во оваа насока.
Според дипломатски извори, Бугарија има шанси да ги добие ресорите или транспорт или регионална политика. Некои европратеници велат дека се разгледувал и ресорот енергетика, но тоа е далеку од влијанието на Софија за добивање на толку важен ресор.
Доколку Захариева навистина добие еден од можните ресори – транспорт или регионална политика – тоа ќе има многу важно влијание за Македонија. Од една страна за изградбата на пругата кон Бугарија, а од друга, за добри соседски односи во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека дијалогот во врска со изградбата на пругата со бугарската страна ќе се води во Брисел на високо ниво, во процес кој што ќе го олеснувала Европската комисија. Доколку од другата страна се најде токму Захариева како претставник на Европската комисија, неизвесно е како би се одвивале тие разговори.