Ед Ширан и Камила Кабело ќе настапат на добротворен Концерт за Украина
Групата „Сноу патрол“, потоа Ед Ширан, Камила Кабело, Емели Санде и Грегори Портер се првите атрактивни уметници кои најавија дека ќе се дел од двочасовниот Концерт за Украина, настан за собирање пари и средства за добротворни цели во Украина. Концертот е закажан за 29 март.
Добротворниот концерт ќе се одржи во „Ресортс ворлд арена“, во Бирмингем, Велика Британија. Билетите ќе бидат пуштени во интернет-продажба утре (вторник, 22 март).
Сите приходи од гледачите, како и спонзорствата и рекламирањето – од каде што се очекува да се соберат најмалку 3 милиони фунти, ќе одат во донации.
Преносот ќе ги комбинира музичките изведби со куси видеоснимки за војната во Украина. Гледачите ќе можат да даруваат пари во текот на целата вечер.