
Откако ДУИ упати повик до партии со слична визија да се обединат, Централниот совет на Европската демократска партија (ЕДП) го овласти претседателот Арјанит Хоџа да ги продолжи разговорите со лидерот на ДУИ Али Ахмети и да го најде најсоодветниот облик и модел за завршување на овој процес.
„Централниот совет на Европската демократска партија оценува дека треба да се даде шанса за обединување во рамки на политичка партија која ќе продолжи да биде главниот глас на Албанците во Северна Македонија.“, велат од ЕДП.
Ова следува откако Генералниот совет на ДУИ упати повик до сите политички партии во земјата да станат дел од оваа политичка формација.
„Овој повик е упатен до сите политички субјекти, општествени здруженија, интелектуалци и професионалци, да станат дел од ДУИ и од нашата заедничка визија за стабилна, демократска и развиена држава.“, велат од ДУИ.
Повикот на Ахмети беше одбиен од АА на Арбен Таравари и од Движењето „Попули“ на Скандер Реџепи.