Најмалку едно лице загина, а неколку се повредени во синоќешниот напад на руски беспилотни летала врз Киев, соопштија властите.
Според воените претставници на Киев, околу десетина беспилотни летала од иранско производство биле соборени над воздушниот простор на градот.
Ова беше трета ноќ последователни напади врз главниот град на Украина, само неколку часа по завршувањето на самитот на НАТО во Литванија, јавува Би-Би-Си.
Во пет окрузи, 19-годишна жена и 23-годишен маж биле хоспитализирани со рани од шрапнели.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека едно тело било пронајдено во станбена зграда во областа Подилски, северно од центарот на Киев.
Во претходните два дена од самитот на НАТО во Вилнус, на врвот на агендата беше поддршката на Западот за Украина.
Зеленски го искористи своето присуство за да се заложи за членство на Украина во Алијансата, но му беше кажано дека тоа ќе биде можно само „кога сојузниците ќе се договорат и ќе ги исполнат условите“.
Тој претходно рече дека се чини дека „нема подготвеност“ Украина да биде поканета во НАТО или да стане членка. Но, во синоќешното обраќање тој изрази малку попозитивна оценка.