
Едно лице загина и најмалку девет се тешко повредени откако торнадо синоќа погоди област северно од Париз.
Префектурата Вал-д’Оаз рано утрово соопшти дека едно лице починало, четири лица се во критична состојба, а уште пет се во сериозна состојба по невремето во Ермон, во северните предградија на Париз.
Локалната временска апликација Météo Express објави снимка која покажува торнадо како соборува три крана.
– Ненадејно и невообичаено интензивно торнадо погоди неколку градови во Вал-д’Оаз, при што едно лице загина, а неколку други се сериозно повредени, напиша францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњес на X.
Локалната префектура соопшти дека 150 пожарникари, припадници на служби за итни случаи и полицајци се распоредени во Ермон и блиските Ебон, Андили, Монморанси и Франконвил.
Во меѓувреме, 1.700 домаќинства од рано утрово останаа без струја, пренесе ДПА.