
Денеска во Нови Сад ќе се одржи комеморативен собир пред железничката станица за да се обележи трагедијата на 1 ноември 2024 кога се урна бетонската надстрешница и загинаа 16 лица.
Илјадници луѓе од Србија од вчера се во Нови Сад.
Од Белград два дена пешачеа околу 4.000 студенти. Студентите од Нови Пазар пристигнаа по 400 километри пешачење.
Тие пешачеа од 16 октомври како дел од акцијата „16 дена за 16 жртви“ и веќе се во Нови Сад каде пристигнаа и нишките велосипедисти.
Илјадници граѓани ги пречекаа на улиците со факели, огномет и извици, додека низ целиот град одекнуваа скандирања „Пумпај!“.
Шеснаесет студенти во громогласна тишина, по полноќ положија 16 букети оддавајќи почит на трагично загинатите.
Сите возови во Србија се суспендирани поради наводни закани со бомби. Во Нови Сад, специјалните сили го уапсија опозицискиот политичар Миша Бачулов.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се извини за се што кажал за студентите и народот, ги повика оние што протестираат повторно на дијалог и рече дека денешниот ден кој е прогласен за Ден на жалост треба да биде ден што обединува, а не ден што разделува.