И покрај тоа што францускиот предлог не е избалансиран Северна Македонија треба да го искористи скрининг процесот и да се фокусира на реформите кои се важни за граѓаните и ќе ја придвижат земјата напред, изјави Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД.
-Преспанскиот договор беше постигнат на фер основа бидејќи, иако Грција беше членка на НАТО и ЕУ, преговорите се водеа на еднаква основа и беше постигнат фер компромис со отстапки од Грција и од Северна Македонија. Францускиот предлог пак воопшто не ја засегна предноста на Бугарија и тој го одразува тоа. Тоа, е вели, исто така е грешка и на САД и на ЕУ, бидејќи создава лош преседан во Унијата. До граѓаните на земјата е да решат, дали тој го загрозува или не македонскиот идентитет. Но сакам да подвлечам дека е важно да се искористат предностите од скрининг процесот, без оглед на Бугарија. Тој не е во интерес на Бугарија, туку на граѓаните на оваа земја. Искористете го и направете максимум во реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и други важни реформи кои ќе ја придвижат земјата напред и ќе им покажат на граѓаните дека тоа е реално и е важно, вели Џозеф на новинарско прашање кој денеска учествуваше на годишната меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза” во Скопје.
Тој смета дека со оглед на тоа дека САД и ЕУ не успеаја да ја стават Бугарија на исто ниво со Северна Македонија, како што беше со Грција, и и овозможија да ја зачува нејзината предност, Северна Македонија треба да бара од САД, особено од Франција, но и од Германија, па и од Велика Британија афирмација на македонскиот идентитет, цврсто признавање на македонскиот народ, македонскиот јазик, па и на аспекти од македонската историја, и тие можат да го направат тоа.
Иницијативата Отворен Балкан според него, е добра за земјите од регионот во однос на трговијата, но е лоша идеја тоа да се прави со режим кој е, вели, креиран за да ја зголеми српската политичка моќ која има најголема економија со трговски суфицит со многу држави во регионот. -Србија е автократија не е демократија и се движи во погрешна насока, а во контекст на Русија и Украина, тоа значи нестабилност, додава тој.